И судско буџетски совет со препорака до судиите да донираат

Судско буџетскиот совет испраќа препорака до судиите да се солидаризираат и да донираат дел од платите за април и мај во фондот за справување со вирусот. Според информациите на Телма од Советот, во препораката пишува дека поради сериозноста на ситуацијата во која се наоѓа на државата, а предизвикана од пандемијата како и прогласената вонредна состојба, а со цел изразување солидарност во справување со кризата им се препорачува на судиите да донираат дел од платата за април и мај во фондот за справување со корона-кризата. Се напоменува и дека донирањето е на доброволна основа и индивидуално. Процент од платата или сума која се препорачува да се донира не е назначена.

Претходно и здружението на судии излезе со препорака до судиите да издвојат најмалку 20 проценти од платите за април и мај и да ги уплатат на сметката на солидарниот фонд за справување со Ковид-19. Од здружението на обвинители, пак, на колегите им препорачаа да донираат во рамки на семејно материјалните состојби, но износот да не биде помал од 5 проценти од платите.

Судиите беа под критика, откако Уставниот суд ја замрзна уредбата за минимална плата на државните функционери, директорите и судиите за април и мај, со која парите требаше да се пренаменат за борбата со новиот вирус.

Дел од фукционерите најавија дека ќе ги задржат само 14 500 денари, а останатиот дел од платите ке го донираат.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ