Премиерот Заев пред конечно решение за разрешувања и именувања

Привршуваат консултациите за реконструкцијата на Владата, но и кадровски смени изјави премиерот Зоран Заев во интервју за државната агенција МИА. Тој вели дека има јасна претстава какви решенија треба да донесе бидејќи по разрешувањата треба веднаш да следуваат именувања. За Заев е сосема логично некој што не може да испорача резултати да биде разрешен или сам да се повлече. Дали ќе има смени и кај кадрите на ДУИ Заев вели:

„Јас на луѓето во Владата не гледам како на луѓе од СДСМ, како луѓе кои дојдоа од експертската сфера, од граѓанскиот сектор или од било која друга партија. Гледам на нив како на луѓе кои треба да испорачаат резултати. Дополнителен критериум за мене е колку нивната работа влијае да се забележи разлика од политиките на претходната власт, дали работата на институцијата е променета на подобро. Граѓаните ја променија власта и логично е да очекуваат конкретни, видливи промени во институциите. Следува прашањето дали сме реализирале барем дел од ветувањата, од програмата што сами ја понудивме. Носителите на јавни функции мора да испорачаат резултати со кои се подобрува животот на граѓаните. Во тие рамки ќе се движат размислувањата и одлуките за промените што ќе следуваат.“

Во меѓувреме од помалите партии од албанскиот блок молчат. Од ДПА не одговараат дали преговараат за влез во Влада и дали има било какво решение. За сега не се знае ниту дали е договорено нешто и со демократската партија на Турците. Денеска само крилото на Африм Гаши од БЕСА кусо одговори дека ги привршува преговорите, но за исходот не сакаа да зборуваат.

Инаку додека привршуваат преговорите за реконструкцијата, ВМРО-ДПМНЕ за утре најави дека ќе ја поднесе интерпелацијата за Владата. Очекуваат таа да се најде на дневен ред на собраниската седница во среда, што ќе значи враќање на опозицијата од ВМРО-ДПМНЕ во парламентот. Во меѓувреме премиерот најави дека ќе има промени во министерствата и во неколку државни и јавни претпријатија.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ