
Министрите ја бранат одлуката на премиерот за назначувањето на командант Хоџа
Премиерот сам си ги избира советниците и одлучува за нивниот број и платата што ќе ја добиваат. Ова е одговорот на министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на нашите прашања, зошто 56 советници во премиерскиот кабинет и по кој критериум е определена плата од 600 евра за Командант Хоџа кој е со средно образование?
За министерот за внатрешни работи, пак, нема ништо контроверзно во поставувањето на Командант Хоџа за советник на премиерот за внатрешна безбедност и радикализам.
Професорот по безбедност, Злате Димовски, тврди дека Шаќири нема да може да добие безбедносен сертификат, но дека сепак се работи за политичко прашање.
На списокот што вчера беше објавен од владата, има 33 надворешни,13 посебни и 10 советници, ангажирани од кабинетот на премиерот. Во овој список, покрај Шаќири, е и името на поранешниот министер во неколку влади, Фатмир Бесими од ДУИ.
Во владата повторно се вдоми и претседателот на Српска напредна странка во Македонија, Драгиша Милетиќ, како соработник за меѓуетнички односи. Тој и во претходната влада земаше плата од ЕЛЕМ, без да оди на работа.
Поранешниот директор на УБК, Миле Зечевиќ, сега е соработник за адвокатски услуги. За Филип Андов,кој ќе креира политики од посебен интерес за скопјани, опозицијата реагираше дека е познат во подземјето под прекарот Сокол и дека има повеќе кривични пријави.
На списокот се и професорот Мерсел Биљали, како и аналитичарот Исмет Рамадани, архитектот Мирослав Грчев пејачката Цветанка Ласкова, Љубе Бошковски, Ленче Николовска, Рубин Земон и многу други.Премиерот има и неколку советници од Србија, како поранешниот менаџер на пејачката Драгана Мирковиќ, Зоран Башановиќ, кого медиумите во соседството го поврзуваа со неколку афери за местење на тендери.
Тука е и поранешниот директор на српското електростопанство, Александар Обрадовиќ, како и поранешниот директор на Агенцијата за приватизација, Љубомир Шубара.
Далиборка Демјанска