
Премиерот не ги знае платите на своите советници
Премиерот не знаел дека неговиот советник Љупчо Зафировски зема 75 илјади денари хонорар. Така самиот изјави на денешната седница за пратенички прашања, одговарајќи на прашањата на пратеникот Антонио Милошоски, каде ги запознал и зошто ги поставил за советници Зафировски и Александар Ружин кој, пак, добива плата од 50.000 денари и како тие двајца ги оправдуваат своите високи плати?
На ова пратеникот реагираше дека, владата со државни пари си креира позитивен имиџ во јавноста.
Во меѓувреме, излезе и третото продолжение од сторијата „Советничка афера“ на ИРЛ, во кое се објавени нови имиња на надворешни советници на премиерот. Поетот, текстописец и водител, Ѓорѓи Калајџиев, му е советник за медиуми на Заев, а за својот ангажман добива по 40.000 денари месечно.
На платниот список на премиерскиот кабинет е и новинарот од ТВ 24, Љубиша Станковиќ. Од април минатата година тој е ангажиран како ПР на Советот за реформи на правосудството и добива месечен хонорар од 30.000 денари.
Досега беше објавено дека, советници на Заев му се и писателот Венко Андоновски, менаџерот на кафулиња, Филип Андов – Сокол и партиската активистка Стефани Арсовска.
Далиборка Дамјанска Цветановска