
Преговорите помеѓу градоначалникот Златко Марин и инвеститорот Фатмир Етеми се во ќорсокак
Додека од Аеродром чекаат Уставен суд да каже дали ќе го поништи спорниот Детален урбанистички план по поднесените претставки од службите на општината, градоначалникот и инвеститорот преговараа за две опции. Обесштетување или наоѓање на заменска локација за градење.
Нова локација не доаѓа во предвид, согласни се и од Аеродром и од градежната фирма. Цената на земјиштето кај Мајчин дом е повисока од други делови во општината бидејќи е доделена голема површина за градење во ДУП-от донесен од претходниот градоначалник Ивица Коневски. Нема слични локации во Аеродром.
Ниту пак е возможно зградата да се гради на друго земјиште и во друга општина, затоа што не одговараат роковите за таква измена на документите, кажа градоначалникот Златко Марин во интервју за МИА.
„Доколку се оди во насока на обесштетување, инвеститорот би можек да побара сума и двојно поголема од првичните 5,5 милиони евра. Нашиот основен буџет за цела 2018 година е околу 9 милиони евра. Ова би значел комплетен крах на буџетот,“ вели Златко Марин, градоначалник на Општина Аеродром.
Зградата која инвеститорот почна да ја гради на ливадата кај Мајчин дом, ќе биде со осум ката и поткровје, а во неа се предвидени 240 станови. Почетокот на изградбата ги разгневи жителите на населбата кои неколку пати излегоа и на протести околу оградите на градилиштето.
Според плановите на градежната фирма, изградбата на зградата кај Мајчин дом треба да трае две години. Наспроти негодувањата на жителите дека така се уништува животот и зеленилото во нивната населба – инвеститорот уверува дека по изградбата на зградата ќе вложи милион евра за повторно зазеленување на просторот, но и на самиот објект.
Според градоначалникот Златко Марин, мораториум за градење во Аердром не е решение на долг рок. Наместо тоа, тој порача дека новите Детални урбанистички планови кои ги подготвуваат се со повеќе зеленило. Најави градежна експанзија во неурбанизирани делови од општината.
Петар Догов