
Преговарачката рамка со ЕК се очекува во јуни
На 3-ти јуни, Европската комисија ќе ја презентира преговарачката рамка, новиот пакет за проширување и годишниот извештај за прогрес.
Вакви се информациите на Владата во однос на најважниот документ во преговорите, со кој се утврдуваат условите за прифаќање на Македонија во европското семејство, текот, опфатот, структурата како и процедурите чија клаузула е „ништо не е договорено додека не се договори се“, што значи, преговорите остануваат отворени се до целосното усогласување на текстот на договорот.
Владата очекува првата меѓувладина конференција да се одржи не за време на хрватското, туку за време на германското претседателство.
Османи очекува овој период да биде искористен за разговори со Бугарија во однос на нејзиниот анекс на записникот, но во рамки на Договорот за добрососедство.
Потсетува дека Одлуката на Унијата за отпочнување преговори со Македонија е донесена едногласно и дека сите европски одлуки треба да бидат консензуални.
Бугарија бара во Преговарачката рамка да се внесат нејзините услови: Македонија да се откаже од малцинството, наместо македонски јазик да се користи терминот „службен јазик на Република Северна Македонија“, но и да заврши работата на заедничката Комисија за историски прашања, која прекина со работа главно поради несогласувањата околу националниот идентитет на Гоце Делчев.
Соња Николовска