Предвремени локални избори во Охрид, Ново Село и Дебар

Заедно со шестите претседателски избори на 21 април ќе се одржат и предвремените локални избори за градоначалник на Охрид, за Ново Село и Дебар, за кои од денеска почнува предизборната кампања.

Во трката за градоначалник на Охрид се Нихаил Трендафилов – Нанче од партијата Граѓанско-демократска унија, Митре Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Константин Георгиески од СДСМ, Стевче Стевоски како кандидат на политичката партија Демократи и Џемал Мена од движењето „Беса“. Изборите за градоначалничката функција беа распишани поради ненадејната смрт на градоначалникот на Oхрид Јован Стојаноски.

За испразнетото градоначалничко место во Ново Село кандидати се Никола Андонов од СДСМ и Николчо Стоилков од ВМРО-ДПМНЕ. Во Ново Село ќе се избира нов градоначалник, бидејќи поранешниот Боро Стојчев поднесе оставка откако беше осуден на затворска казна за обид за шверц на цигари.

Во трката за градоначалник на Дебар, ќе учествуваат двајца кандидати. Тоа се познатите дебарски доктори, Хекуран Дука, кој е кандидат на ДУИ  и Арбен Аголи на Алијасата за Албанците, поддржан од Движењето „Беса“. На изборите со свои кандидати одлучија да не учествуваат СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, од каде потврдуваат дека се уште немаат став кому од кандидатите ќе му дадат поддршка. Избори за градоначалник во Дебар се организираат поради смртта на претходниот, Ружди Љата, кој, по кусо и тешко боледување почина на крајот на ноември минатата година.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ