Предвремени избори со нов закон

Двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се блиску до договарање термин за предвремени избори. Компромисот се бара меѓу опозициското барање за април или мај и владината понуда за октомври наредната година.

Опозицијата е задоволна што власта почнала да размислува за избори пред редовниот термин во декември 2020-та.

Стоилковски, како и вчера лидерот Мицкоски, не открива дали ќе инсистираат на враќање на мнозинскиот модел или на намалување на бројот на изборните единици. Важно е, велат, да се прифатат забелешките на ОБСЕ/ОДИХР. И СДСМ инсистира на тоа. Жалат што поради одбивањето на Мицкоски, немало можност овие прашања да се отворат на лидерска средба. Двете партии потврдуваат дека работните групи се состануваат и договараат реформа на изборното законодавство.

По претседателските избори, ОДИХР изнесе повеќе забелешки на изборниот законик. Сугерираат измени во делот за финансирање на изборната кампања, во водењето и заклучувањето на  избирачкиот список, во жалбената постапка. Освен тоа, СДСМ и повеќе помали партии, бараат поголеми промени во изборниот модел: една изборна единица и отворени листи. ВМРО-ДПМНЕ ја отвори можноста за враќање на мнозинскиот изборен модел, а за ДУИ е најприфатливо намалување на бројот на изборните единици од шест на три.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ