
Предвреме активирано полнење на експлозивот е причина за несреќата во рудникот Тораница
57 годишниот Блаже Миленковски од Крива Паланка е рударот, којшто загина од експлозијата во јамата на рудникот за олово и цинк Тораница. Искусниот полнач и палител на мини кој го делеле неколку месеци од првата пензија во окното бил заедно со неговиот помошник и ракувач на машина.
Миленковски веќе бил на половина пат од полнењето на минското поле, но на критичната бушотина, каде што и на лице место починал од повредите во стомакот при нејиното полнење доаѓа до експлозија. Рударскиот инспектор и јавен обвинител од Куманово до три часот утринава го вршиле увидот во јамата, земени се на вештаење капислите на мини, коишто според експертите се активираат електронски или при силен удар.
Истражните органи причините за рударската несреќа ќе ги имаат по две или три недели, кога ќе заврши вештачењето на капислите и ќе бидат земени изјави од очевидци, меѓу кои и од двајацата повредени рудари на возраст од 32 и 30 години, коишто се хоспитализирани во кумановската болница. Директорката, Снежана Заахариева за Телма вели дека по сите поминати прегледи, рударите се во стабилна состојба.
Раководството на бугарската компанија „Булмак“, којашто во 2016 година ги презде рудниците за олово и цинк „Злетово“ во Пробиштип и „Тораница“ во Крива Паланка преку писмено соопштение до медиумите вели дека за несреќата се известени сите надлежни институции и изразуваат длабоко сочуство и жалење на семејството на починатиот рудар.
„По завршување на целата истражна постапка од страна на надлежните органи, компанијата „Булмак 2016“ ќе преземе дополнителни мерки за утврдување на околностите на несреќата во соработка со Компаниите-добавувачи на експлозици и детонатори, кои се користат во рамки на редовната работа во рудникот“, велат од компанијата.
Починатиот рудар е татко на две полнелетни деца. Според билтенот на МВР во текот на месецов ова е втор случај на несреќа во рудниците на Булмак, првиот се случи на 16 јули во Злетово. Повредениот рудар од пробиштипското село Трипатанци заврши со повреди на градниот кош во штипската Клиничка болница.
Викторија Димитрова Јованова