Предметите подготвени за трансфер, обвинителите и вработените во СЈО – не

Специјалното обвинителство е спремно да ги предаде и предметите и доказите.

И државното обвинителство е спремнода ги прими бидејќи вчера со допис го извести СЈО.

Но никој не открива кога и како ќе се одвива оваа процедура која е обемна, но и кој ќе стави потпис и печат на предадените папки. И покрај ова на три денови пред истекот на мандатот на Специјалната обвинителка Катица Јанева, а со тоа и на нејзините помошници сепак обвинителката Ленче Ристовска се надева дека СЈО не е мртво.

Во меѓувреме и вработените во обвинителството се загрижени за тоа што ќе се случи со нив. Стручниот, административниот и техничкиот персонал заедно испратиле писмо до претседателот Пендаровски, до премиерот Заев, министерката за правда Десковска, но бараат помош и од амбасадорите на ЕУ, САД и Холандија.

Сметаат дека во законот за СЈО е регулирано дека тие треба да се вратат во редовното обвинителство на позиции кои се речиси исто платени како досегашните.

 “Оттука, секоја намера на преговарачките тимови, која е спротивна на претходно наведените законски одредби ќе ја сметаме како директна повреда на правата од работен однос мотивирана од одмазднички пориви кон вработените и кон сè што тие успеале да постигнат во изминатиот период со искреност и со пожртвуваност кон институцијата во која работат, постапувајќи во делокругот на своите работни задачи определени со законите и согласно организационата поставеност во обвинителството” – пишуваат вработените во СЈО.

Во меѓувреме и денеска во кривичниот суд беше одложено рочиштето за случајот на СЈО “Тaлир”.

За разлика од претходните денови кога судиите ги одложуваа предметите со објаснување дека е неизвесно кој ќе биде правен застапник, судијата Османи денеска само побара време за да ги разгледа доказите. 

Адвокатите пак бараа одложување бидејќи катица Јанева е во притвор.

Иако соопштението за подготвеноста на трансферот на предметите е штуро сепак за прв пат се повикува на законот за СЈО.

Цитиран е членот шест став пет кој не предвидува ваква ситуација но вели дека државниот обвинител не може да превзема предмети на Јанева без нејзина писмена согласност.

Јанева пак од притвор ја даде согласноста сите предмети да ги превземе Јовевски а на своите помошници им испрати полномошно за да го сторат тоа.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ