
Предмет за бомбите со гласот на Камчев- уште никој не е повикан на распит
Бомбите со гласот на Камчев веќе се предмет на обвинителството за гонење на организиран криминал во кое бизнисменот има статус на сведок во случајот Рекет. Од обвинителството не соопштуваат детали за истрагата која е отворена по допрен глас и велат дека се уште е прерано да се зборува. Ниту надлежната обвинителка Вилма Рускоска која денеска беше на рочиште за предметот Рекет не соопшти детали ниту даде изјава.
Соопштение на Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција: Во моментов се испитуваат сите околности во врска со идентификација на лицето што ги објавило снимките. Воедно, со постапката треба да се утврди дали во содржината на разговорите и нивното јавно објавување има елементи на кривично дело, кој снимал, како и идентитетот на лицата што разговараат. Откако ќе биде прибран и анализиран доказниот материјал, обвинителството ќе донесе одлука дали и кое лице ќе биде повикано да даде исказ пред обвинител.
Разговорите беа објавени во ноќта петок на сабота. На новотворен јутјуб канал има 6 разговори кои всушност се монолог со глас за кој медиумите тврдат дека е на Орце Камчев. Само на една снимка се слуша глас кој одговара на прашање дали има влијание врз нив, мислејќи на семејството на премиерот Заев. Се уште не е откриено за кој соговорник станува збор ниту каде точно се снимани. Во еден момент Камчев вели дека расчистил со Сашо Мијалков, а во друг разговор пак бара средба со Вице Заев да се расчистат работите.
Во разговорите се слуша како сниманиот вели дека може крв да падне до колена и дека може да изгинат како фамилија. Разговорите беа објавени неколку часа откако Орце Камчев заврши со сведочењето во случајот Рекет каде обвинети се Бојан Јовановски- Боки 13 и поранешната специјалната обвинителка Катица Јанева.
Миомир Серафиновиќ