
Предмет Рашковски и Леонардо отворен во Антикорупциска
Антикорупциска комисија денеска отворила предмет за набавката на радарската опрема во М-нав, потврди претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.
Отворен е предмет за набавката на опремата и договорот со италијанската компанија Леонардо, откако во јавноста протекоа информации и снимени разговори за дел од постапката, ни изјави Ивановска.
Комисијата ќе побара информации за текот на постапката и за сите сомнежи за корупција кои се отворија во јавноста откако беше објавен разговорот.
Генералниот секретар на владата Рашковски веќе изјави дека не чувствува одговорност и дека нема да поднесе оставка затоа што ги исполнувал задолженијата дадени од владата да го убрза процесот за купување на нов радарски систем.
Рашковски и премиерот Заев тврдат дека во случајот не е барано никакво мито и дека фирмата Леонардо е избрана уште во 2016-та од во тоа време претседателот на УО на М-НАВ Живко Попоски, татко на тогашниот министер за надворешни работи Никола Попоски.