
Предложен нов состав на Регулаторната комисија за енергетика
Марко Бислимовски е предлог на владата за нов претседател на регулаторната комисија за енергетика. Тој е избор на специјалната комисија за кадровски именувања на чело со министерот Оливер Спасовски која направила селекцијата меѓу 13 пријавени кандидати на јавниот оглас објавен од 8 до 16 овој месец. Бислимовски треба да седне во фотељата на досегашниот претседател Димитар Петров и доаѓа од редовите на комисијата каде работи како советник.
За да си замине Петров од функцијата која ја врши веќе два мандати, придонесе и новиот закон за енергетика во кој стои дека мандатот на актуелниот претседател трае до избор на нов. Неофицијално се очекува постапката за избор брзо да заврши а прва задача на новиот состав на Регулаторната комисија да биде определување на цената на струјата која ќе се пресметува од август.
Надлежностите и независнота на РКЕ како и работата на нејзиниот претседател беше најжестоката тема на расправа при носење на законот за енергетика. Опозицијата тогаш обвини дека владата ја нарушува независноста на ова тело а власта тврдеше дека наместо професионалци со комисијата раководат партиски кадри. Граѓанските здруженија пак обвинуваа дек РКЕ ја зголемила енергетската сиромаштија кај граѓаните
Инаку освен Бислимовски,владата како комисионери ги предлага Наташа Вељановска, професорот Атанаско Туневски и Куштрим Рамадани исто така досегашен член на регулаторното тело. Согласно законот за енергетика, од септемрви почнува постапката за избор на универзален снабдувач на електрична енергија а од март следната година граѓаните ќе можат да одлучат кој ќе ги снабдува со струја.
Виолета З. Стојановска