Пред банките во Тетово денеска долги редици и турканици за добивање на платежните картички

Во Тетово и денес имаше редици пред банките. Граѓаните чекаа подолго време за да влезат во филијалите за да ги завршат потребните обврски. Деновиве пред банките се создаваат гужви дополнително поради издавањето на домашна платежна картичка, бидејќи корисниците одат да ги подигнат или само да се информираат за проектот генерално, односно да добијат информација дали се меѓу граѓаните на коишто им следува домашна платежна картичка, без претходно да ја посетат веб-страницата.

Поради гужвите кои веќе неколку дена се создаваат пред банките градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи, апелираше банките подобро да ја организираат работата.

Од Македонската банкарска асоцијација апелираат корисниците на домашна платежна картичка да ги следат информациите што банките ги доставуваат до нив во врска со начинот и терминот на подигнување на картичката. Согласно важечките политики и процедури, повеќето банки, издавањето на домашната платежна картичка го организираат на начин што на клиентите, доставуваат СМС-пораки со информации за филијалата или експозитурата, датумот и часот за подигнување на картичката за секој клиент одделно. Во примена се, укажуваат, и веб-решенија и контакт-центрите на банките, со што потребата од доаѓање во филијалите и ескпозитурите  за информирање е сведена на минимум.

Данијела Билбилоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ