
Празни училишни дворови и помала раздвиженост на плоштадите и низ трговските центри
Од денес животните во скопската зоолошка градина се без друштво. Клуч на врата за посетителите беше мерка неизбежна за менаџментот за да се превенира ширење на коронавирусот. Зоолошката вообичаено ја посетуваат многу деца. Има и многу странци за кои таа е неизбежна кога прават обиколка на градот, и затоа е една од клучните точки кои треба да бидат изолирани.
Првиот ден од препораките на Владата за превенција од коронавирус ги испразни и училишните дворови. Децата ќе одмараат дома две недели, за да бидат што е можно позаштитени од заразата која многу лесно се шири. Мала раздвиженост има и во трговските центри. Луѓето се обидуваат да се заштитат со тоа што го избегнуваат јавниот превоз, и не одат на места каде што вообичаено има метеж.
Ги нема ниту секојдневните турканици во автобусите на ЈСП кои ќе возат со изменет возен ред кој секогаш важи само додека учениците се на распуст. Камерата на Телма направи обиколка и на плоштадот во центарот на Скопје.
Откажани се и културни настани. Од Младинскиот културен центар на фејсбук информираа дека настаните кај нив како концерти и изложби се откажани за друг се уште не одреден датум, а влезниците важечки. Ако пак од европската куќа на фудбалот не го одложат натпреварот помеѓу Македонија и Косово кој е закажан за точно две недели од сега, тој ќе се одигра пред празен стадион.
Петар Догов