Православните христијани го празнуваат најголемиот христијански празник Велигден

Христос воскресе – навистина воскресе! Православните христијани со овој поздрав го слават Велигден, денот кога според Светото писмо, Исус Христос воскреснал од мртвите.

Во сите православни храмови на полноќ беше објавено Христовото воскресение, а според традицијата, денеска се одржуваат велигденски литургии.

Православните христијани почнаа со исполнување на верските обичаи на Велики четврток пред изгрејсонце кога ги бојадисаа првите црвени велигденски јајца. Црвената боја ја симболизира победата на животот над смртта односно Христовото воскресение.

Утринава како и секоја година, верниците дојдоа на литургија, едногласни во тоа дека ова е најсветлиот христијански празник, а голем дел од нив се придржувале и до велигденскиот пост.

Според записите во Светото предание, традицијата за бојадисување јајца потекнува од првиот век по Христа, преку првите христијани и современици на христовите апостоли. Симболиката на празникот е во поздравот со кој се соопштува веста за воскресението Христово.

На велигденската литургија во соборниот храм Свети Климент Охридски присутни беа претседателот на државата, министри од Владата, градоначалникот на Скопје, како и претставници на политички партии.

По литургијата, Иванов упати порака луѓето секогаш да бидат сплотени онака како што се за време на празниците.

На утринската велигденска литургија, поглаварот на МПЦ Господин Господин Стефан повторно ја соопшти веста за Христовото воскресение и им го честита празникот на сите верници.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ