
Православните христијани го празнуваат Христовото раѓање – Божиќ
Христос се роди ! Вистина се роди ! Со овие зборови православните христијани го слават денес Рождеството Христово Божиќ. Здравје, мир и благосостојба се желбите на граѓаните и оваа година.
Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржаа божиќни литургии.Во Божиќното послание архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ потсетија на оние вредности кои се повеќе изчезнуваат човечноста, грижата за културните материјални и нематеријални богатства.
Имаме прекрасни светилишта кои се ненадминат дострел во уметноста и архитектура по кои светот не препознава и се дел од нашата културна генеза. Тие се дело на нашите предци, но за жал голем дел од нив денес се заборавени и занемарени од надлежните институции. Непростиво е тоа што го создадовме и го запазивме во ропствата и туѓите владеења денес во слободна, независна и суверена држава да го оставиме на негрижа и да го отуѓуваме. Впрочем иднина имаат тие што се грижат за своето минато,
порача протопресвитер-ставрофор Сашо Николовски.
Христијанските празници се можност да се упатат силни пораки, да се зајакне чувството на единство и сплотеност и да си посакаме здравје, среќа во семејството и напредок во општеството, рече премиерот во техничката влада Спасовски, кој одбегна да одговара на политички прашања велејќи дека празникот не треба да се злоупотребува. .
Тоа се пораки пред се мотивирачки кои ќе придонесат секој самиот себе си да се спознае, што е тоа што може да направи за колективното добро затоа што само така можеме да имаме колективна и заедничка среќа,
изјави Спасовски.
За претседателот на опозицијата пак Мицковски денешниот празник беше можност да се упати и политичка порака.
Позади нас е година на порази следува година на победи. Она што јас како Божиќна порака сакам да ја упатам до христијанските верници и сите останати граѓани на Република Македонија е да се почитуваат да се разбираат меѓу себе дека само почитувањето е она кое не прави побогати сето останато ќе си дојде,
порача лидерот на опозицијата.
Честитка по повод големиот христијански празник до граѓаните упати и Али Ахмети, лидерот на ДУИ. Претседателот Пендаровски кој присуствуваше на божиќната литургија во црквата „Свети Ѓоргија” во Охрид им посака на граѓаните празничните денови да ги поминат со своите најблиски, во мир, спокој и радост. Се надевам дека секој наш личен напредок ќе значи напредок и на целата зеедница и државата во целина, порача Пендаровски.
Нина Стефанова