Правните експерти очекуваат Уставниот суд да го врати распуштеното Собрание

Иако е распуштено, Собранието треба да се состане, за што постои уставна основа во одредбите за прогласување воена и вонредна состојба.

Ваков став изгради научниот тим при центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ и група професори на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Анализата на вонредната состојба.

Собранието треба да ја преземе должноста што Уставот му ја одредува при вонредна состојба. Уставот не содржи нит една одредба во која има правна пречка за свикување на Собранието. Пречка не е ниту распуштањето зашто мандатот трае до конституирањето на новиот пратенички состав. Доколку партиите не можат да постигнат консензус, Уставниот суд треба да пресече, да ја поништи Одлуката за распуштање на Парламентот и работите да се вратат на нивниот исправен уставен пат – тврди МАНУ во својата анализа на вонредната состојба.

Научниот тим составен од МАНУ смета дека уредбите на Владата имаат законска сила, но престануваат да важат со престанокот на вонредната состојба. Оние уредби кои имаат продолжено дејство, мора да бидат потврдени од Собранието.

Уредбите треба да содржат и потпис, што значи согласност од претседателот на државата.

Владата треба да биде екипирана со два оперативни експертски тимови – за правни и за економски прашања, кои ќе помагаат во подготовката на уредбите и во нивното преиспитување од Собранието за време на вонредната состојба но и по неа.

Овие забелешки и конкретни предлози веќе се доставени до првите луѓе на Собранието, на Уставниот суд, на Владата, на Министерството за правда како и до претседателот на државата, потврди за Телма, академик Владо Камбовски.

Анализата излезе во јавност ден пред утрешното одлучување во Уставниот суд. Колегиумот на уставните судии треба да одлучи дали да го прифати предлогот на еден од судиите, по службена должност да се разгледа Иницијатива за укинување на Одлуката за распуштање на Собранието.

Причината е што Одлуката не ги даде очекуваните резултати, односно не се реализираа предвремени избори на 12-ти април.

Прифаќањето на овој предлог ќе значи дека пратениците треба да се вратат на работа, да преземат контрола над Извршната власт а потоа спикерот Џафери повторно да распише избори, во согласност со договорот што  би го постигнале партиите.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ