Правната држава на клучно место

Правната држава има клучно место во интегративниот процес на земјата во Европската Унија но реално, има централно место и на терен – порача францускиот амбасадор, Кристиан Тимоние, кој денеска го посети новиот претседател на Уставниот суд, Сали Мурати.

Посетата на францускиот амбасадор на Уставниот суд доаѓа по расколот меѓу судиите при расправата на која, по барање на адвокатот Еленко Миланов, се оценуваше уставноста на членот 353 од Кривичниот законик, кој предвидува  големи казни кога се работи за злоупотреба на тендери и направена голема штета врз буџетот. Со овој член се опфатени најголем дел од случаите на СЈО.

На седницата, судиите Елена Гошева и Јован Јосифовски спореле дали службеното лице може да биде одговорно за набавка за која одлучува комисија, велејќи дека, казната од пет години затвор за ова дело се изедначува со убиство. Осман Кадриу реагирал дека со ова се бара, одредени лица да бидат осудени по секоја цена, а Дарко Костадиновски барал одлагање. Претседателот Сали Мурати, пак ја бранел тезата дека, во секоја земја злоупотребата на буџетски средства е најголемо кривично дело. Седницата е прекината и презакажана за утре.

Министерката Дескоска, пак, денеска изјави дека, ова не е во рамки на Уставниот суд.

Функционирањето на правната држава е клучно и во нон-пејперот на Франција, со кој се предлага промена на методологијата за проширување на ЕУ. Методологијата е доставена до земјите членки, но и до македонските институции, кои треба да дадат свое мислење.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ