Правда го изпрати барањето за екстрадиција на Груевски

Досието екстрадиција за Груевски на стотици страници од Министерството за правда тргна кон Унгарија. Во него е содржана не само 2 годишната пресуда за „Тенк“ што експремиерот избегна да ја одлежи туку и четирите активни судски предмети за „Траекторија“ (за кинеските автопати), „Титаник“ (за изборните нергулатности) „Шамарите во Центар“ и „ТНТ“ ( за уривањето на Космос) како и уште четири истраги и една предистрага, за ако биде екстрадиран да може да одговара за сите дела, информираат од Министерството за правда. Македонските власти кои бараат од унгарските колеги да го приведат, притворат и испорачаат Груевски, потенцираат дека тој во Македонија не се гони за политички или воено кривични дела а дека судските процеси се мониторирани од ОБСЕ, чија членка е и Унгарија, и дека во нивниот извештај немало забелешка дека му се нарушени правата или дека  постапките се политички мотивирани.

Никола Груевски се бранел од слобода и во ниедна постапка не му е изречена мерката притвор. Имал обезбедено повеќе бранители по сопствен избор со кои имал непречени можности за комуникација и ги користел сите права кои му се на располагање, велат од министерството.

Во барањето се додава и дека Македонија е безбедна земја, дека експремиерот имал шестмина лични обезбедувачи од МВР, но и дека немало пријава од него дека животот му е во опасност. Се истакнува и дека помилувањата на претседателот Иванов биле ништовни и дека сам ги отповикал.

Министерката за правда е оптимист врз основа на досегашното искуство на реализирани екстрадиции со Унгарија.

Груевски нема основи да добие азил но со одобрен азил, екстрадиција пропаѓа и експремиерот ќе се спаси, вели правниот советник Андреј Божоновски.

Транспаренси интернејшнл преку писмо ги повикува унгарските власти да постапат според европските и меѓународните судски прописи и стандарди односно да го екстрадираат Никола Груевски.

Откако еден политичар ќе биде осуден од независен суд, ниту една од владите не треба да им обезбеди план за бегство и неказнивост, вели извршниот директор на Транспаренси Интернешнл- Унгарија, Јозеф Петер Мартин. Претседателката на на макеоднскиот огранок оценува дека оваа ситуација е голем тест за македонските и унгарските власти и треба да се реши во согласност со унгарскиот закон.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ