
Пратениците остануваат на барањето да се забрани цијанидот, но велат – не сакаат да ги затворат рудниците
Пратениците од владејачкото мнозинство остануваат на предложените измени на законот за минерални суровини кои ги испратија до собранието, со кои се бара да се забрани употреба на цијанид и сулфурна киселина во рударското производство, и покрај ставот на Министерството за економија дека тие се престроги и во пракса не би биле применливи, како и реакцијата на рударскиот бизнис дека на овој начин ќе се затворат постоечките рудници. Мислевме дека за овие измени сме усогласени со Владата, велат овие народни избраници.
„Изненадени сме од реакциите, сметавме дека сме усогласени со Владата и затоа и ги поднесовме измените, за да се спречи отворање на 86 потенцијални рудници за кои има барање за концесија. Инаку, постојат концесии кои државата ги потпишала и на кои се обврзала, и манипулација и лага е дека со законот ќе се затворат и постоечките рудници“, вели Поповска.
За во четвртот на собраниската комисија за економски прашања ќе се одржи јавна расправа на која ќе се дебатира за ова прашање. Пратениците ќе прифатат промени.
„Доколку има нешто конкретно што може да го подобри законот, да го прецизира, за да нема забуни од ваков, тип, ние сме подготвени да прифатиме амандмани“, вели Поповска.
Од Министерството за економија вчера беа децидни дека за вакви измени треба претходно да биде направена анализа за тоа дали постои друг начин на екстракција на рудата, и за кои се индустрии би важеле овие законски правила.
И експертите сметаат дека законите не смеат да се носат со прескокнување на проведурите и јавна дебата од сите засегнати страни, тоа може да има лоши последици.
„Државата има инструменти за да може сите субјекти, дали јавни или приватни, да бидат заштитени од необмислени решенија, не велам дека овој закон е необмислен, но државата има начини тоа да го направи“, вели Николов.
Вчера првите луѓе на рудниците во земјава предупредија дека ако целосно се забрани употребата на цијанид тоа ќе стави клуч на врата на рудниците, бидејќи тие сите го употребуваат со години наназад, но во разредени колични и според најдобрите светски стандарди, и со тоа ќе се загрози егзистенцијата на 13 илјади вработени, државата ќе изгуби извоз од 180 милиони долари годишно, а може да претрпи и големи финансиски штети за плаќање пенали, меѓу една до три милијарди евра.
Нина Нинеска-Фиданоска