
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за одземање на мандатот на Груевски
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за одземање на мандатот на Никола Груевски.
На утрешната седница на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања можно е да побараат претседателот на комисијата, Павле Богоевски, да не ја води седницата поради скандалот со набавка на наркотична дрога.
Како ќе постапуваат и каков тек ќе има седницата ќе зависи од одлуката која треба да ја донесат на координативната средба.
Од СДСМ велат дека деловнички е исполнет условот од шестмесечно неоправдано отсуство на Груевски од работата на Парламентот.
Не гледаат ништо спорно во тоа кој било пратеник, независно дали е од парламентарното мнозинство или од опозицијата, да има дилеми како да постапи и гласа.
Стравуваат дека наместо конструктивна дебата седницата ќе се претвори во фарса и политички препукувања.
За ДУИ нема дилеми, мандатот на Груевски треба да се одземе.
Осумтемина од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ се уште тактизираат и не соопштуваат како ќе гласаат за азилантот Никола Груевски.
Јулијана Пешевска