Пратениците ќе решаваат за разрешување на Јанева

 Извештајот на Советот на обвинители, со кој се отвора постапка за разрешување на Катица Јанева, ќе биде разгледуван најверојатно на затворена седница на Комисијата за избори и именувања. Тоа ќе го одлучи самата комисија, која ќе заседава во среда или во четврток и ќе разгледува доверлив материјал. Овие денови, претседателот на комисијата Илија Димовски, ќе побара информација кои пратеници имаат безбедносен сертификат, за да може да им го дистрибуира материјалот што го добил од спикерот Талат Џафери како класифициран. Без оглед дали седницата на комисијата ќе биде отворена или затворена за јавноста, треба да се очекува заклучок за разрешување на раководителот со СЈО, велат од владеачката ДУИ.

Според Законот за СЈО, доколку Комисијата за избори и именувања утврди предлог за разрешување на Јанева, ќе го достави до Собранието. Спикерот Џафери треба да закаже пленарна седница, на која се одлучува со двотретинско мнозинство и со претходна согласност од четирите најголеми партии. Собранискиот предлог се враќа во Советот на обвинители, кој треба да донесе конечна одлука за разрешување. Уште минатата недела, Советот почна постапка поради, како што вели Законот, незаконито, нестручно и несовесно извршување на функцијата. Советот порача дека во извештајот ќе има дел од исказите и доволно податоци за да може Собранието да постапува.

Јанева е во притвор десетина дена. Осомничена е за злоупотреба на службената положба во случајот Империја а се истражува и случајот Рекет.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ