Позитивни сигнали од Франција за датум за преговори за земјава

Подобрена е перцепцијата во Франција за членството на Македонија во ЕУ и очекувањата се идната недела таа да даде зелено светло за датум за земјава. Ова е впечатокот на трите македонски тинк-тенк организации, Институт за демократија, Евротинк и Институт за европска политика, кои минатата недела оствариле низа од средби со француски тинк-тенк организации и официјални претставници, а од кои впечатокот е дека Париза нема да го закочи датумот за земјава.

„Перцепцијата на Франција околу перформансот за заслугите на Северна Македонија да започне преговори со ЕУ е подобрена, во споредба со летото. Главната грижа на француското општество или на политичката елита е да се обезбеди дека нема да има реверзибилни процеси веднаш откако ќе се започне со преговорите“, изјави Марко Трошановски, претседател на Институт за демократија.

За да се осигура дека такво нема да се случи Франција веќе размислува и работи на предлози за нова методологија на водење на пристапните преговори.

Несигурноста за позитивната одлуката за земјава го носи ставот на Франција дека Албанија не сторила доволно за да добие датум, а во контекст на политичкото инсистирањето во ЕУ двете земји, во пакет, да добијат датум. На иста линија е и Холандија која вчера одлучи дека ќе даде зелено светло за земјава, но не и за Албанија.

„Предоминантното политичко расположение е дека земјите не треба да се раздвојуваат и тоа ќе оди многу тешко, меѓутоа постојат креативни решенија и како што сугерираше одлуката на Бундестагот во Германија можно е и двете земји да започнат преговори или, барем, Македонија секако да започне, а Албанија да исполни уште неколку услови за да го започне тој процес“, рече Марко Трошановски, претседател на Институт за демократија.

Во контекст на Франција македонските тинк-тенк организации по посетата констатираат дека постои недоволна информираност на француската јавност и политичари за перформансите на земјава, но и обратно за позициите на Франција во контекст на Македонија. Но и покрај тоа тие се оптимисти за претстојниот самит на ЕУ.

„Јас сум оптимист дека ќе добиеме датум“, вели Марко Трошановски, претседател на Институт за демократија.

Според Трошановски старт на преговорите ќе го засили процесот на демократизација на македонското општество. 

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ