
Позитивни реакции по средбата Ципрас – Заев
Позитивни се првите реакции по првата средба на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на која се договорија да ги интензивираат преговорите за решавање на спорот со името, на која најавија отстапки, но и ги поставија границите кои нема да ги преминат во преговорите. За македонската страна тоа е идентитетот, за грчката сложено име ерга омнес или за севкупна употреба. Реагираа и опозициските партии, грчката Нова Демократија со остри критики, а ВМРО-ДПМНЕ воздржано за отстапките и со очекување за повеќе информации за процесот. Во партиското соопштение најпрво се поздравува средбата за градење на позитивна клима, но се наведува:
„Не знаеме дали најавите на Зоран Заев за преименување на аеродромот и автопатот се дел од некоја поширока стратегија за која што јавноста не е информирана или пак станува збор за едностран чекор на актуелната Влада. Доколку е во прашање некаква стратегија, граѓаните очекуваат да бидат информирани за придобивките, а доколку станува збор за второто легитимна е загриженоста дека земјава прави еднострани отстапки, а не добива ништо.“
ВМРО-ДПМНЕ додава и дека не гледа иредентизам во имињата на аеродромот и автопатот.
Во Атина лидерот на Нова Демократија Кирјакос Мицотакис го нападна Ципрас зошто не побарал менување на Уставот на Македонија и најави дека нема да учествува во никакви коснултации со власта за решавање на спорот. Тој изјави:
„Преговорите ќе ги почнев од прашањата поврзани со иредентизмот и ќе чекав да видам опипливи чекори во однесувањето на другата страна, пред да поминам во следната фаза. Немаше да разговарам за ништо, ако Скопје прво не се обврзеше дека ќе го сменат нивниот устав. И немаше да прифатам никакво споменување на македонска нација, како што направи господинот Нимиц.“
За отстапките кои ги договорија двајцата премиери, преименување на автопатот Александар Македонски во Пријателство и аеродромот, за кое уште не е избрано име, нема засега коментари. Она пак што Макеоднија ќе го добие со отворање на граничниот премин кај Преспа и ратификација на втората фаза од Договорот за асоцијација и стабилизација го објаснува вицепремиерот за европски прашања Бујар османи.
Вчерашната средба на двајцата премиери со одобрување е дочекана во Брисел, како што кажа и амбасадорот во Македонија Жбогар.
Сите партискии лидери заедно со претседателот Ѓорѓе Иванов ќе се состанат в сабота за да ја разгледаат рамката на преговорите што ја понуди Нимиц пред да дојде во Атина, а потоа во Скопје на 31 јануари.
Сања Васиќ