Позитивен Извештај од ЕК за Македонија, но се уште неизвесен датумот за преговори

Опиплив напредок во имплементација на реформите и добрососедските односи констатира Европската комисија во вонредниот извештај за Македонија, врз основа на кој Европскиот совет на 26 март ќе решава дали ќе даде зелено светло за преговори со земјава. Комисијата извештајот го завршува со зборовите дека препораката за старт на преговори со земјата од 2019 останува валидна. За Комисијата валидна е и препораката за преговори дадена и за Албанија, поради што очекува Европскиот совет да ги започне преговорите со  двете земји до самитот ЕУ- Западен Балкан во Загреб во мај.

„Во случајот на Северна Македонија Извештајот исто така посочува на значајни чекори преземени за јакнење на независноста на судството и покажува подобрување на учинокот во борба против корупцијата и организираниот криминал, исто како и прогрес во реформите на разузнавачките служби, исто и во јавната администрација. Се на се, се држиме до нашата препорака за отворање на пристапни преговори со двете земји најбрзо што е можно и се надеваме дека Европскиот совет ќе даде зелено светло, паралено со согласноста за ревидираната методологија која презентиравме пред неколку недели“, изјави Ана Писонеро, портпарол на Комесаријат за проширување.

Со ваков Извештај, заедно со ревидираната методологија за преговори за вицепремиерот за еропски прашања Бујар Османи, се исполнува и вториот услов за старт на преговоите оваа пролет.

„Ова е вториот услов кога се исклучуваат било какви дилеми кон нашата држава како кандидат за започнување на преговори оваа година. со тоа сметам дека сите предуслови се исполнети на 26 март 2020 година да се донесе одлука за започување на преговори“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.

Извештајот за Македонија е фокусиран на три области и во сите се забележува напредок во имплементација на реформите. Во првата област – судските реформи и истраги, обвиненија и пресуди за случаи на корупција и организиран криминал, вклучително и на високо ниво, Комисијата забележува исклучителни законодавни чекори за јакнење на независноста на судството.

Имплементацијата на новата правна рамка која опфаќа повеќе закони меѓу кои Кривичниот законик, Законот за судови, Судскиот совет, Законот за Јавното обвинтелство, за нотаријатот, Комисијата смета дека ја зголемила транспарентнота во изборот и оценувањето на судиите и на членовите на Судскиот совет. За ова судско тело пак Комисијата констатира дека  ја зголемила својата проактивна улога во заштита на независноста на судиите, но и во примена на подобрените дисциплински правила. Како пример за тоа се наведуваат шест разрешени судии, меѓу кои и претседател и двајца членови на Врховниот суд. За Комисијата и контолата на функционирањето на АКМИСОТ дава резултати во непречено функционирање на автоматска распределба на судските  случаите.

Земјата е пофалена и во делот на процесуирање на случаите на корупција и организира криминал. Притоа сенаведува дека лани Обвинителството за организиран криминал  отворило девет нови истраги кои опфаќаат 52 осомничени, пред се службеници на високо ниво, споредено со 2018 кога имало само пет случаи со седум осомничени и шест случаи и 10 осомничени во 2017.

Истекувањето на мандатото на СЈО и апсењето на поранешната прва специјална обвинителка довело до одложување на некои постапки,  Комисијата вели дека Закон за Јавно обвинителство, меѓу другото обезбедил и одржливо решение за случаите на СЈО и воспоставување на одговорност за кривичните дела што произлегуваат од нелегалното прислушување.

И во борбата против организираниот криминал се забележува напредок, пред се во делот на зголемување на бројот на кривични истраги за органзиирани криминални групи пред се за шверц на мигранти.

И во втората област која е следена од Европската комисија, реформирањето на разузнавачките и безбеднсните служби, е постигнат е добар напредок во согласност со препораките на Прибе. Во овој дел освен оперативноста на ОТА и одделувањето на Националната агенција за безбедност од МВР, како позитивен елемент го наведува и јакнењето на контролната улога на Собранието во делот на безбеднсоните служби.

И во јавната администрација како третата набљудувана област е оценето дека се продолжени реформите, пред се со усвојување на Стратегијата за транспаретност, како и со воведување на алатката на владата за отворени податоци на трошењето на јавните пари.

Позитивни оцени за спроведените реформи освен од Комисијата стигнаа и од одделни членки на ЕУ од групата „пријатели на проширувањето“. Според нив земјата треба да продолжи на ист начин со реформите, но повикаа и на национална кохезија и коордиација меѓу власта и опозицијата дека она што е постигнато нема да се уништи. Тие испратија порака за она што треба да го направи Евроспкиот совет.

„Има една етичка димензија на членството на земјите од регионот во ЕУ, сметаме дека ЕУ им должи на овие земји одлука да ги прими во ЕУ, тоа е долг кон општеството граѓаните, но тука е и безбедностната димензија има и други актери надвор од ЕУ кои се активни во регионот, па таквата одлука за почеток на преговори ќе го спречи негативното влијание“, рече Јацек Чапутович, министер за надворешни работи на Полска.

Но и покрај целиот оптимизам се уште постои неизвесност околу датумот. Откако Франција се одоброволи со новата методологија и го симна октомвриското ембаргото за датум, останува да се види како ќе гласаат земјите кои се против одење на Македонија и Албанија во пакет, односно Холандија и Данска кои во октовмри се противеа на отпочнување преговори со Тирана.

Хрватскиот шеф на дипломатијата Гордан Грлиќ Радман пак истиот ден кога Европската комисија го објави вонредниот извештај порача дека Хрватска како актуелен претседава со ЕУ не седи со скрстени раце туку директно и индиректно работи на разубедување на скептичните Холандија и Данска.

Сепак засега никој не се осмелува да со сигурност да потврди дека датумот во март е завршена работа.

„Она што го направите до сега е навистина совршено и само продолжете, задржете го темпото, тоа е единствениот одговор за сите скептици и оние кои се двоумат“, изјави Линас Линкевичиус, министер за надворешни работи на Литванија.

Македонските претставници пак се уверени дека Европската унија нема да оди на самит во март без да се разреши дилема – дали двете ќе одат во пакет или поединечно.

 

Тамара Грнчароска

 

 

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ