Пожарите досега направија штета од над седум милиони евра

Утрово околу шест часот, пожарникарите го изгаснаа пожарот кај Катланово. Денес таму – три рида опустошени. За среќа нема куќи во близина, а и бензинските пумпи до местото не се зафатени од огнот. Од Пожарна најпрво реагирале за да спречат пламените јазици да се прошират до нечии дворови.

„Констатиравме дека движењето на пожарот беше према викенд-куќите во Катланово. Пристапивме на гасење од таа страна, од страната према викенд-куќите во Катланово за да го спречиме пожарот оттаму. Втората фаза се одвиваше на гасење на нискостеблестата шума и делот од лозјето што беше зафатен до бензинската пумпа „Окта“ затоа што и таа беше приоритет. Сепак имаше голема далечина, немаше толкава опасност туку имавме мал проблем – не можевме да влеземе внатре во пожарот и поблиску до него затоа што имавме ограда на самиот автопат“ изјави Владимир Симоновски, командант на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје.

Од Национални шуми прибираат податоци и ги пресметуваат настанатите штети. До 26 август изброиле 295 пожари на површина од над 9 илјади хектари. Штетите се милионски – околу 473 милиони денари (над седум милиони евра). И експертите имаат свое видување за пожарите. Сега повеќе гори отколку порано.

„Она што се менува всушност во последните триесетина години, освен климата за којашто сите се свесни, зголемувањето на температурите, сушните периоди особено во летните периоди – е промената на пејзажот односно зголемувањето на горливиот материјал заради долгогодишниот процес на миграција од село во град. Огромни територии коишто некогаш биле обработливо земјиште, ниви, пасишта, сега се напуштени. Намален е бројот на жители во руралните средини. Нема кој да делува во однос на гаснење и локализирање на пожари“ изјави Никола Николов, професор на Шумарски факултет – Скопје.

Вчера телефонот на Пожарна ѕвонел со дојави за пожари и на други места освен кај Катланово.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ