Повторно одложен изборот на државен ревизор

Седницата на Комисијата за избори и именувања доцнеше 45 минути а заврши за 5 минути. Одложени се сите шест закажани седници, на кои требаше да се утврди предлог за нов државен ревизор, но и  нов состав на Агенцијата за медиуми, Советот на МРТВ, Комисијата за недискриминација, директори на Дирекцијата за лични податоци, Агенцијата за инфомации од јавен карактер, здруженијата за граѓанска контрола на полицијата и судството и други.

Одложувањето го побара власта, а го поддржа опозицијата бидејќи се уште нема договор дали да се прифати барањето на Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ за прераспределба на претседателите и членовите во собраниските тела, што се оправдува со изменет распоред на политичките сили.

Доколку партиите не се договорат, од наредната недела ќе биде блокиран чуварот на јавните пари, како што се нарекува Државниот завод за ревизија. Ќе нема кој да ги потпишува извештаите и налозите за плати, бидејќи мандатот на државниот ревизор истече во декември 2017-та, а на заменикот му истекува на 4 октомври. Од европските институции веќе стигнува предупредување дека нефункционирањето на комисиите, агенциите и дирекциите за заштита на основните човекови права може негативно да влијае врз портфолиото на Македонија за пристапување во ЕУ.    

Соња Николовска

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ