
Повратници се жалат дека остануваат без вода, храна и тоалет од почетокот на хуманитарните летови до сместувањето во државниот карантин
Повратниците во земјава, кои вчера вечер од Менинген слетаа на скопскиот аеродром, по 2, 30 часови лет и со автобуси на „Вардар експрес“ беа транспортиран во карантин, во хотелот „Десарет“ на Охридскиот брег, 12 часа останале без вода, храна и тоалет – сведочи снимателот Самир Љума, кој поради откажана манифестација во Брисел, морал да се врати дома. Според него, екипажот на авионот им рекол дека може да одат во тоалет, пред да се качат во автобусите и дека можеле да купат вода во авионот, но никој не претпоставил дека тие потреби не ќе можат да ги завршат по слетувањето.
- Се издржува, се се издржува , само што јас можев да издржам. Но, претпоставувам некој што има здравствени проблеми, на кој му е неопходна вода или храна…Имаше еден патник кој се жалеше дека е дијабетичар и дека му се неопходни храна и вода, но немаше кој тоа да го слушне, рече Самир Љума-снимател.
Љума кој вели дека има здравствени проблеми и дека не поднесува чад од цигари, на Фб објави видеа , на кои се гледа како патници од автобусот на „ Вардар експрес“, во кој се возел, со дозвола од возачот пушат цигари и му се закануваат поради тоа што тој негодува.
- Шоферот , најдобронамерно им кажа , ако имате шишенце со вода, за да може да си ја изгаснете цигарата, пушете во автобус. Ама ве молам, тоа да биде дискретно, да не ме кажете. Тоа предизвика луѓето да се чувствуваат комотни, објаснува Самир Љума-снимател.
По стигнувањето во „ Десарет“, на сите патници им била измерена температура, биле анкетирани според безбедносните протоколи, по што добиле храна и биле сместени по соби. Љума е сам во соба, но вели, има луѓе и по 2-3 заедно, во зависност од меѓусебните познанства.
Според министерот за здравство, Филипче, при транспортот на патниците може да се појават недоразбирања, за кои тој верува дека треба да се менаџираат на лице место, како во случајот во недостатокот на вода за пиење. Но, повратниците , кај кои, за сега не е дијагностициран Ковид 19, мора да ги почитуваат мерките за безбедност, во интерес на сите наши граѓани, додаде министерот.
А, од МВР, кои ги обезбедуваат автобусите до карантинот, информираат дека започнале постапка за утврдување одговорност, за начинот на кој постапила полицијата. За да воспоставиме ред , прво мора да го имаме во сопствените редови и затоа нема да толерирам непрофесионално и своеволно однесување, напиша на својот ФБ профил, дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска.
Сотир Трајков