
Поврат на ДДВ од 15 отсто – Премиерот го најави за 1 јули, министерот уште ги испитува ризиците
Премиерот Заев го вети како готова и сигурна работа веќе за од јули, министерот Тевдоввски допрва ќе ги испитува фискалните ризици. Проектот кој беше ветен како еден од првите уште во предизборната програма на СДСМ, поврат на 15 отсто од ДДВ кај граѓаните, конечно треба да стартува од средината на годинава. Првиот финансиер денеска без прецизни одговори дали и колку оваа мерка ќе ја чини државната каса и дали можеби ќе треба заради неа да се оди на ребаланс.
За мене е најважно тоа да биде спроведено на правилен начин, сакаме да се осигураме дека нема да има фискаслни ризици. Во моментов работиме на тоа и кога ќе имаме повеќе детали ќе ги споделиме со граѓаните, вели Драган Тевдовски, министер за финансии.
Граѓаните многу слушаа за оваа мерка, но немаат точни информации колку заштеди таа ќе донесе во нивните буџети. Според експертите, за фискална сметка од илјада денари, купувачот ќе добие назад скромни 23 денари. Веќе за потрошени 10 илјади денари, заштедата е нешто поголема, 230 денари. Уште кога го најави проектот, Владата излезе со пресметки дека на овој начин секое семејство ќе добие назад од 25 до 30 илјади денари годишно. Се најавува потрошувачка картичка за секој граѓанин.
Државата има корист од таа работа. Ги направивме сите анализи, го направивме информатичкиот модел. Секој ќе добие потрошувачка картичка која ќе евидентира се што ќе трошои, а трошиме само што ќе излеземе од дома, за вода, струја, облека, обувки, храна, велосипеди, книги, на сите сметки има ДДВ, е сега од тој износ, 15 отсто ќе бидат вратени на граѓанитe, вели Зоран Заев, премиер на Македонија.
Според него, даночната евазија во земјава е 30 отсто, затоа со мерката се очекува самите граѓани да бида инспектори, да купуваат само од дуќаните што издаваат фискални сметки. На овој начин, вели, ќе мора да се легализираат и сите производители и трговци на големо. Очекува дека со проектот годишно во буџетот ќе дојдат 300 милиони евра годишно, а од нив 150 милиони ќе се вратат кај граѓаните, со што ќе се засили нивната потрошувачка моќ.
Мерката поврат на ДДВ оваа власт ја најави како една од првите по формирањето на Владата, но досега ја одложуваше во повеќе наврати, со образложение дека треба системски добро да се подготви. За од средината на минатата година се најавија и пилот проекти во две места во земјава со цел да се утврдат предностите и слабостите, но и тоа не се случи. Сега се најавува целосно да се спроведе од средината на годинава.
Нина Нинеска-Фиданоска