Повисоките даноци можат да ги избркаат информатичарите

Владата да не избрзува со зголемување на даноците, предупредува Комората за информатички технологии, МАСИТ. Таквото ад хок решение ќе биде негативно за ИКТ индустријата и ќе го избрка овој кадар од земјава, кој и онака си заминува привлечен од повисоките плати во странство, па штетите ќе бидат поголеми наспроти очекуваното краткорочно полнење на буџетот.

„Не смееме да си дозволиме многу да ја притискаме ИКТ индустријата, бидејќи одливот на кадри е евидентен, многу им е лесно да најдат работа на друго место и да си заминат од тука, тоа е клучната порака што сакаме да ја пратиме до Владата и до јавноста… Не би коментирал колкави се платите, тие се различни од компанија до компанија, но во принцип разговараме за плати кои се доста повисоки од другите индустрии, нашите кадри се доста платени“, вели Горан Поповски, претседател на УО на МАСИТ.

Ова следува откако вчера министерот Тевдовски ги откри намерите да се воведе стапка на персонален данок од 18 отсто, за делот од личните приходи на граѓаните кои надминуваат 1.000 евра, со што јавно изрази несогласување вицепремиерот Анѓушев.

Во МАСИТ немаат информации колку фриленсери заработуваат во оваа дејност, но во компаниите во ИКТ секторот се вработени 6 до 7 илјади лица, од кои околу три илјади се информатичари, а останатите се во делот на комуникациите. Комората укажува дека со повисоко оданочување одредени компании од бела, моѓат повторно да се вратат во црната економија, односно повторно да бараат начини како да го избегнат плаќањето на даноците, што би било штета сега, кога едвај се среди состојбата во оваа дејност.

„Да не дојдеме во ситуација да се вратиме на оние времиња, што на некој начин ние едвај го средивме, и барем во нашата индустрија сега не постои фирма која плаќа на рака дополнителни средства, да не дојдеме во ситуација нашата индустрија повторно да биде исправена пред тој предизвик повторно да го направи тоа… Многу внимателно да се оди со покаќување на даноците, да ги следиме примерите на околните земји кои наместо да гои зголемуваат даноците, прават еден флет данок, со кој дополнително ги мотивираат фирмите од ИКТ секторот да плаќаат што е можно повеќе даноци““, вели Анита Накова, извршен директор на МАСИТ.

Со реакции и од комората на Северозападна Македонија.

„Сметаме дека е пренизок прагот од 1.000 евра, треба да се гледа уште еднаш“, вели Исени.

Од оваа комора ќе почекаат да видат какво ќе биде кочечното владино решение, за кое јавните дебати стартуваат веќе од наредниот месец.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ