
Повисоки придонеси за ултра високите плати од идната година
Повисока основица за плаќање придонеси за ултра високите плати ќе важи од јануари идната година. Владата на својата последна седница во петокот одлучи основицата за пресметка на придонесите да ја помести од 12 на 16 просечни плати. Од министерството за финансии денеска не добивме повеќе детали кои плати ќе бидат опфатени со оваа мерка. Пресметките на Телма покажуваат дека за сите оние со месечна бруто плата од 8.550 евра, или нето 5.700 евра, од нова година ќе мораат да се плаќаат придонеси на целата сума, наместо како досега, кога придонеси на целата сума се плаќаа за месечните бруто плати до 6.415 евра, или нето 4.276. За сите месечни бруто плати над 8.550 евра, колку и да се тие високи, придонеси ќе се плаќаат на таа сума.
Бизнисмените велат дека оваа владина мерка нема сриозно да ги оптовари, бидејќи станува збор за мал број на плати кои ќе бидат опфатени. Но, тоа нема значајно да ги зголеми буџетските приходи, вели бизнисменот Горан Рафајловски.
„Економијата не е социјална категорија и доколку Владата наумила дека треба овие даноци повеќе да се плаќаат, сепак, бизнисмените, ќе продолжат најверојатно без никаков проблем со примање на оние плати кои и досега ги примале, значи, не очекувам никаков посериозен ефект во смисла да се влијае на прераспределба на тие средства во некој друг правец“, вели Рафајловски.
Всушност, ова е дел од мерката за прогресивно оданочувањем, бидејќи се зголемува основицата за придонеси со повисоки примања.
„Но, сепак, ова се само социјални мерки, воопшто не се вистински мерки за пополнување на буџетот на Македонија. Вистинска мерка за пополнување на буџетот е данок што го плаќаат сите. Да, тоа можеби не е праведно, но и не треба да биде праведно доколку се инвестира и доколку се градат нови автопатишта, железница, енергетска инфрастгруктура. Едноставно, ние мора да научиме дека треба да ги плаќаме даноците и не треба да се плашиме од нивното зголемување, бидејќи бенефитите ќе бидат за сите граѓани на Македонија“, вели Рафајловски.
Во земјава, според податоци кои беа објавени од медиумите, само 221 вработен земаат нето плата од 5 до 10 илјади евра, 50 вработени од 10 до 14 илјади и 500 евра, а над оваа сума плата имаат 104 вработени.