Повикот на бојкот би бил политичко самоубиство?!

Повикот на бојкот би бил политичко самоубиство. Секој да одлучи по сопствена волја како ќе постапи на референдумот е единственото можно решение во дадената политичка ситуација, се` друго би било погубно за ВМРО ДПМНЕ,  кога огромен број  на граѓани се против договорот. Вака долгогодишниот политички новинар, Предраг Димитровски, ја анализаира ситуацијата во која се најде најголемата опозициска партија пред референдумот, а особено по силниот меѓународен притисок.

Однесувањето на ВМРО ДПМНЕ, Димитровски го спореди со тоа на нивната сестринска партија во Грција, Нова Демократија, кои се исто така против Договорот за името, но досега не се појавија како организатори на ниту еден митинг. За можноста, овој став на партиското раководство да ја подели партијата, особено по инсистирањето на дел од членството, отворено да се повика на бојкот, додека други повикуваат да се излезе на гласање и да се гласа против, Димитровски  вели дека шанси за поделба секогаш постојат, но постои и разум, но е убеден дека партијата не е до толку поделена и дека ова е  обична политичка хистерија за дефокусирање на јавноста од суштината на референдумот.

Од раскол во партијата не се плаши ниту претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во синоќешното гостување на 24 вести, рече дека нема индиции за нешто такво и дека има голема поддршка, особено  од пратеничката група. Ги негираше и толкувањата во јавноста дека, неговиот повик е всушност повик за тивок бојкот на референдумот.

Потпретседателот Митко Јанчев, во синоќешното гостување во Топ тема на Телма, исто така рече дека ова не е тивок бојкот и дека  тој збор не му се допаѓа.

Јанчев и Богданов се единствените кои го застапуваат овој став во Извршниот комитет на партијата, а толкав бил бројот и на тие што се за бојкот. Мнозинството застана зад претседателот Мицкоски, кој повика секој да си одлучи по своја волја, што,пак, беше дочекано со критики од членството.

Далиборка Дамјанска Цветановска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ