Повик за помирување или за амнестија? Различни толкувања за потегот на премиерот

Премиерот повика на простување и помирување за настаните од 27-ми април, откако уште еднаш од собраниската говорница ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени и понуди прифаќање на дел од амандманите кои би ги доставиле. Иако не го употреби терминот амнестија, порача дека е сега време, пратениците од мнозинството и од опозицијата да си подадат рака едни на други.

Од ВМРО-ДПМНЕ ова беше протолкувано како понуда за амнестија. Но, велат дека, на тие што им се суди им е потребна правда, а не амнестија. Бараат притворените да бидат ослободени, за да им се даде шанса да ја докажат својата невиност, а премиерот да им се извини на нивните семејства.

По повикот на премиерот се огласија и дел од притворените за крвавиот четврток. Дурловски и Дамовски на своите фејсбук профили напишаа дека се борат за вистинска слобода и  правда, а не за амнестија. Сето друго, велат би било претежок товар за нив. Обвинетиот пратеник Јохан Тарчуловски, пак, јавно праша, како е можно премиер да нуди амнестија ако судството е независно? Сепак, остава простор да се консултира со партијата. Со став дека понудата е неприфатлива и дека политиката не смее да се меша во правосудството се огласија и од двете крила на БЕСА.

По бурата во јавноста се огласи министерот за дијаспора Едмонд Адеми, кој  ги демантира ваквите интерпретации. Тој на социјалната мрежа пишува дека подавањето рака за помирување е човечка особина и големина, и не значи амнестија. Се огласи и пратеникот Павле Богоевски, кој вели дека понудата е подавање рака прво на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, од кои дел се на обвинителна клупа. Но, дека тоа не значи ослободување од кривичен прогон и одговорност, туку понуда за помирување и обединување за интересите на државата. За настаните од 27-ми април се обвинети 33 лица, меѓу кои се и петмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.

Попладнево реагираа и од СДСМ, со соопштение во кое велат дека, Македонија има независно и професионално судство и никој не може да интервенира врз судски одлуки. Го повторија ставот дека, ако не се обезбеди двотретинско мнозинство, тие ќе го обезбедат преку предвремени избори. А мнозинството е засега неизвесно. За девниот ред денеска гласаа 71 пратеник, а 40 беа против. Ако се претпостави дека тие ќе гласаат и против уставните измени, остануваат уште деветмина.

Тројца пратеници се во домашен протвор, а четворица пратеници од ВМРО-ДПМНЕ беа отсутни. Двајца од нив, Влатко Ѓорчев и Антонио Милошоски веќе се изјаснија дека ќе гласаат против. Отсутни беа и Крсто Јовановски и Никола Поповски, како и Зијадин Села од Алијанса за Албанците, а денеска не гласаше ниту Владанка Авировиќ од Социјалистичка партија.

Седницата се очекува да заврши неделава.

Далиборка Дамјанска Цветановска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ