
Повеќе од 20 години македонските возачки не се признаени во Германија
Двеипол децении се провлекува спорот за признавање на возачките дозволи меѓу Македонија и Германија. Уште од осамостојувањето на државата двете земји го немаат потпишано билатералниот договор за признавање на возачките дозволи, бидејќи Германија инсистира на исполнување на повеќе услови пред неговото финализирање. Но македонските иселеници во Германија инсистираат за итно решавање и поради тоа, лани покренаа онлајн петиција за собирање на потписи.
Поднесителите на иницијативата сметаат дека е бесмислено што македонските возачки дозволи важат само шест месеци, а по истекот на рокот мораат да го полагаат наново возачкиот испит во Германија што е дополнителен трошок, којшто во зависност од типот на возачката дозвола може да изнесува од неколку стотини до две илјади евра.
По собирањето на потребните потписи за петицијата, иницијаторите ќе се обратат до германското министерство за транспорт со цел да се изврши притисок за забрзување на процедурата за признавање на возачките дозволи.
Сузана Мицева