
Повеќе од 10.000 битолчани пијат бактериолошки неисправна вода
Десет проценти од населението во општина Битола или над 10 илјади жители во 35 битолски села кои имаат локaлни водоводи и кои не се приклучени на градскиот водовод, пијат вода со ризичен квалитет. Ова го покажуваат анализите на Центарот за јавно здравје. Бактериолошки неисправна е водата во голем број пелагониски, но дури и во потпелистерските села.
– Таа вода не е ни за пиење, ни за варење. Јас кафе не правам со неа. Тиња течи, не е добра ниту за капење, вели Јане Георгиевски, жител на село Трново.
– Не се пие водата, никогаш не ја пиеме, тоа е вода од река, загадена, рече Михајло Стерјовски, жител на Магарево.
Загадени се и повеќето извори во Потпелистерието, каде битолчани често полнат во туби и шишиња, убедени дека таа е почиста од онаа од грдскиот водовод. Дека оваа вода е неисправна не веруваат и некои од мештаните.
– Ги наоѓаат како загадени, ама на Пелистер вода да не се пие тоа не може да биде. Сега велат една е исправна чешма во Магрево, една во Трново, вели Мирко Субашевски, жител на Магарево.
Од вкупно 283 мостри земени од селските водоводи, 66 проценти покажале бактериолошка неисправност.
– Од бактериите најчесто се присутни патогени бактерии – ешерихија коли, колиформни бактерии. Овие резултати покажуваат дека тие жители пијат вода која што е небезбедна и претставува епидемиолошки ризик по нивното здравје. Препорака е да не се пие водата и од изворските чешми бидејќи голем процент од нив се исто така бактериолошки неисправни, рече Емилија Богоевска, специјалист по хигиена во Центар за јавно здравје Битола.
За надминување на овој сериозен проблем, од Центарот за јавно здравје препорачуваат водоснабдителните објекти во селата да ги одржува одреден субјект, а за негово трајно решавање, селските населби да се приклучат на градскиот водовод во Битола.
Од ЈП Водовод Битола, пак велат дека заедно со општината бараат начин да ги убедат месните одбори во селата да им ги отстапат локаланите водоводи и да отпочне постапка за прклучување на градскиот водовод, да се постават броила и жителите да ја плаќат потрошената вода. За тоа е потребна согласност од 51 процент од населението во овие рурални средини. Дел од селата имаат вода од градскиот водовод, но голем дела се противат да се приклучат.
Емилија Мисирлиевска