
Повеќе давачки за граѓаните и фирмите, ќе дојде ли и повисокиот стандард
Кога ќе завршат честитките и празнувањата, тефтерите и комјутерите ќе мора да се подготват за пресметка на новите обврски. Лани дојде поевтината струја и повисоката минимална плата, но затоа 2019 граѓаните и фирми не ги заобиколи прогресивниот, или како што владата милува да го нарекува, праведниот данок. Сите кои заработуваат повеќе од 1.500 евра, за парите над оваа сума ќе се даночат со повисока стапка од 18 отсто. Колку повеќе приливи остварувате, толку повеќе ќе и дадете на државата, ако земате 100 илјади, ќе платите околу 11 и пол илјади денари, но за приливи од 300 илјади денари, на пример, данокот е над 55 илјади денари. За бизнисмените ова ќе донесе поголем товар, велат, Владата избрзала со данокот, без да го послуша бизнисот, требало прво да обезбеди повисок раст, па да ги зголемува даноците.
„Што е до бизнис заедницата, знаете дека беше исклучителна во изјавата дека овој данок е дојден предвреме, пред се заради фактот што 4 години по ред владите во РМ не испорачуваат никаков напредок, а најдоа сила да не оданочат повеќе, а ние сме рбетот на Македонија, бидејќи ние сме тие што ги плаќаме даноците, а не Владата и администрацијата. Можеби како бизнис заедница некогаш да сме малку и посурови, но бизнис заедницата е таа што може да ја подигне Македонија, и потоа да делува на иселувањето“, вели Горан Рафајловски, бизнисмен.
Фирмите се пожалија и дека се уште не се донесени правилници за пресметака на данокот, а дел уште немаат ни софтверски решенија. Министерот Тевдовски уверува дека причини за грижа нема, УЈП нон стоп комуницира со компаниите и е подготвена да им помогне.
„УЈП има комуникација со фирмите, особено со тие што ги изработуваат решенијата. Сметаме дека се ќе биде навреме, иако УЈП е отворена да помогне, да дојдеме до решение, иако ова не е голема промена, бидејќи Македонија тој систем го имала и претходно“, вели министерот за финансии Драган Тевдовски.
Нејаснотии новиот данок носи и кај граѓаните кои имаат приходи од повеќе места, па месечно заедно ќе им се соберат над 90 илјади денари, се поставува прашањето кој ќе им го плати повисокиот данок. Од Финансии советуваат овие граѓани да се изборат тоа да го направи една од компаниите исплатувачи, во спротивно доплатата ќе падне на нивни товар.
Сепак, не стивнува револтот, средната класа, вели Рафајловски, која власта ја третира за богата, ќе биде на удар.
„Овој данок, така какмо што е конципиран, немојте погрешно да ме разберете, изгледа како да му умре кравата на комшијата. Ако сум јас сиромав, и тој треба да биде уште посиромав, наместо да посакаме и јас да заработам повеќе пари, и јас да добијам една крава плус. Значи, социолошкиот аспект на овој данок е само да се даде назнака дека богатите ќе плаќаат повеќе данок, јас не сметам дека е некој богат ако има 90 илјади денари месечно, туку достигнал еден зенит на нормално живеење“, вели Рафајловски.
Уште еден повисок трошок за стопанството, почнува постепеното зголемување на стапките на придонеси, пензискиот се зголемува од 18 на 18,4 отсто, а здравствениот од 7,3 на 7,4 проценти.
И оние што земале пари од кирии ќе имаат повисок трошок, наместо 10, ќе плаќаат данок по стапка од 15 отсто, а намалени им се и даночните ослободувања.
Стартува уште една новина, УЈП ќе има увид во сите приливи на сметките на граѓаните. Експертите сметаат дека ако институциите добро ги изградат механизмите за заштита на личните податоци, новините не се проблематични.
„УЈП треба на законит начин да ги отстранува овие информации до кои ќе дојде. Ако искористила информација за да состави ГДП, и согласно Законот за даночна постапка може да ги чува 5 години, или, ако не и требаат тие информации, веднаш да ги избрише, да не бидат достапни до никого“, вели Гацов.
Но може да излезе друг проблем, кога во април или мај ќе стигнат даночните пријави.
„Да докажат дека сето тоа што го примиле не им е доход од работа, туку се некакви пари што им се стасани по различни други основи, бидејќи комјутерот не знае да препознае по кој основ ви се стасани парите, ниту пак програмата“, вели Рафајловски.
Новите обврски тропаат на врата, ќе стигне ли и повисокиот животен стандард во ветената најекономска година.
Нина Нинеска-Фиданоска