
Повеќе аргументи „против“ – три бизнис асоцијации против прогресивниот данок
Додека Владата размислува и уште го крои најдоброто решение, три значајни бизнис асоцијации здружено го кренаа гласот против прогресивниот данок. Американската стопанска комора АмЧам, Македонија 2025 и МАСИТ – комората за информатички технологии, кои велат, покриваат повеќе од 200 најголеми и најионовативни компании во земјава, наведуваат бројни аргументи за негативниот ефект што овој данок би го имал врз економијата, со нив го запознале и Министерството за финансии.
Предложените мерки ќе го зголемат даночното затајување.
„Во земја во која населението нема доверба во институциите на системот и има низок степен на задоволство кај обврзниците за начинот на кој прибраните средства се користат, зголемувањето на даноците ќе доведе до изнаоѓање дополнителни и креативни начини за даночна евазија, а тоа ќе ја намали конкурентноста во економијата“, вели Десподов.
Ќе се намали бројот на даночни обврзници, бидејќи ќе се зголеми неформалното вработување, а ќе се отежне и прибирањето даноци.
Менувањето на даночните регулативи го комплицира работењето на компаниите во приватниот сектор, поради неможноста да се планираат трошоците. Ова ќе доведе до несигурнсот и кај домашните и кај странските фирми, ќе ги намали инвестициите, а можно е да се одлее капиталот во земји со поповолен даночен режим.
Професионалните и висококвалификувани кадри кои ќе бидат погодени од прогресивниот данок, и онака се веќе дефицитарни.
„Мислиме дека оваа мерка ќе доведе до одлив на мозоци. Во Македонија се исплаќа бруто-плата и не постои механизам кој ќе ги обврзе компаниите да ја зголемат бруто-платата за нето-платата да остане иста по зголемување на придонесите. Многу е веројатно зголемениот даночен товар да падне врз грбот на вработените наместо на работодавците. Тоа ќе доведе до одлив на квалификуваните кадри во земји со поповолна даночна клима. Овие кадри се исто така и најголемите потрошувачи и со нивното заминување ќе се намали економскиот раст“, вели Десподов.
Ќе се дестимулираат иновативните смарт индустрии кои генераираат најголеми приходи и се двигатели на економијата.
Повисокиот персоналец нема да ја подобри социјалната еднаквост, особено ако повеќето собрасни пари не одат директно за таа намена, туку во вкупниот буџет. Министерството за труд најави дека ќе се зголемува социјалната помош до 12.000 денари за семејство, исто колку минималната плата. Во тој случај работоспособните со таква плата ќе преферираат да не работат и да земаат социјална помош. Продуктивноста ќе опаѓа ако се пенализираат оние кои напорно работат, а се наградуваат оние што не се трудат.
Трите асоцијации затоа сметаат дека сега не е погоден момент за прогресивниот данок, особено не во онаа форма во која неофицијално се најавува, со праг од 1000 евра. Очекуваат решение кое ќе биде прифатливо за сите сфери на општеството.
Нина Нинеска-Фиданоска