
Потребни експерти за форензика на институт за судска медицина, но пари нема
-На Институтот му фали кадар и тоа најдобро би се решило со промена на законот за работни односи каде што на местото на вработен што оди во пензија, би се вработило ново лице и за тоа да не се бара дозвола од Министерството за финансии. Вака сега процесот е многу сложен. Ние праќаме писмо до Деканатот, па од таму до Универзитетот, па од тука до Министерството за образование, па од таму до Министерството за финансии. Но овие писма ретко кога доаѓаат до Министерството за финансии. Кадар ни е неопходен и не можете да создадете експерт за една година, рече директорот на Институт за судска медицина Александар Станков.
-Потребно е тие луѓе да работат најмалку 10 години заедно, за да имате прекрасен тим кој што нема никогаш да направи грешка. Опрема има, ќе добиеме и нова, но бадијала ни е опрема ако нема кој да работи на неа. Битно ни е да имаме нови вработувања, особено во лабораторијата, бидејќи сега и со овој процес за акредитација потребен ни е кадар кој е пропишан и со условите за овој проект. Институтот мора и работи 24 часа во текот на 7 дена. Потребни ни се луѓе кои што се паметни , кои сакаат да работат и кои ќе „спијат“ на Институтот. Во моментов ни требаат уште 6мина во лабораториите, објаснува Станков.
Македонија преку соработка во областа на форензиката и судска медицина со Грција ќе „брка“ научни проекти на европско ниво. Во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје беше презентиран Твининг проектот „Стандардизација и хармонизација според ИСО 17050 стандардот на лабораториите на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија“, а во него се вклучени експертите кои веќе 15 години работат во акредитирани лаборатории ќе им помогнат на македонските стручни лица да се стекнат со знаења за процесот на акредитација.
Реализацијата на проектот е направена со европска помош во висина од 250 илјади евра.