Потпишан новиот Колективен договор на одбраната

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и претседателот на репрезентативниот Синдикат, Независниот синдикат на одбраната, Ванчо Исајов, денеска го потпишаа новиот Колективен договор за сите вработени во Министерството и припадниците на Армијата.

Со овој договор, по предложените измени во Законот за одбрана и Законот за служба во Армијата, се оди уште еден чекор понапред во унапредувањето на правата и условите за работа на сите вработени во одбраната.

„Навистина ми е драго што по период од една година разговори успеавме да постигнеме согласност и да го потпишеме новиот Колективен договор со кој продолжуваме да ги подобруваме условите за работа и условите за живот на сите припадници на Армијата но и сите вработени во овој сектор одбрана. Голем дел од овие прашања беа решени, но за жал не беа почитувани во минатото. Ние како Влада покажавме дека тоа што стои во договорот сакаме и превземаме обврска да го почитуваме. Вие сте сведоци дека веќе две години по ред го решивме проблемот со неисплатените јубилејни награди, кои беа веќе во претходниот Колективен договор, но долги години не се почитуваа, го решивме проблемот и со неисплатата на дневници и од јули месец минатата година сите припадници на Армијата и вработените во секторот одбрана го добиваат тоа право на дневница кое претходно беше ускратено. На ваков начин со почитување на договореното ќе продолжиме и понатаму“, рече министерката.

Шекеринска изјави дека со Колективниот договорот се решија прашања кои се провлекуваа како практични проблеми – зголемен е периодот за ресоцијализација по враќањето од мисии и мировни операции, решен е проблемот со разни случаи на сообраќајни несреќи каде Министерството практично ги теретеше своите вработени за направената штета. Согласно новиот Колективен договор, со осигурувањето не се покриени само инвалидитет и смрт, туку и секаква друга генерална повреда на работно место.

„Јас како министер и Владата се обврзуваме дека тоа што го потпишавме ќе се почитува, а тоа го покажавме и овие две години, и затоа довербата во текот на овие преговори беше поголема. Покажавме дека нашите обврски си ги исполнуваме и покажавме дека стандардот и квалитетот на живот и работа на припадниците на Министерството и Армијата ни се навистина приоритет. Како резултат на овие разговори и доверба успеавме 16 проценти да ги зголемиме платите, успеавме во предлог – Законот кој што е во собраниска постапка да ставиме станбено обезбедување на сите освен оние кои добиле станови од поранешна ЈНА и генерално ставивме акцент на Армијата, на припадниците и на нашиот систем за одбрана“, рече министерката и се заблагодари на Синдикатот, за кој рече дека „знае што бара, знае кои аргументи да ги искористи и води сметка за сите“.

Претседателот на Независниот синдикат на одбраната, Исајов, изрази задоволство од потпишувањето на Колективниот договор со кој, посочи, се унапредуваат правата на вработените во Министерството и во Армијата.

„Денес изразуваме посебно задоволство од потпишувањето на колективниот договор, а кој се реализира една и пол година по добивањето на репрезентативноста на  Независниот синдикат на одбраната на ниво на работодавач. Со потпишувањето на овој колективен договор, постигнавме договор со Министерството за одбрана за унапредување на правата на вработените во Министерството и Армијата“ изјави Исајов и изрази очекување за понатамошна  успешна соработка со Министерството за одбрана.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ