
Постројката на Алкалоид во Ѓорче Петров преминува на гас со инвестиција од 1 милион евра
Компанијата АЛКАЛОИД инвестираше еден милион евра во приспособување и за воведување природен гас на локалитетот Ѓорче Петров. Изведен е нов подземен гасовод на локалитетот, пуштени се во употреба на два нови парни котли и санирани се постојните инсталации.
Водејќи се од светските трендови за зголемување на енергетската ефикасност и за намалување на емисијата на стакленички гасови, стручните технички служби во Алкалоид изготвија план и решение за воведување на природниот гас на локалитетот. Извршена e набавка и пуштање во употреба на два нови парни котли и горилници со ниско количество на NOx-гасови, изработени во согласност со последните технолошки и инженерски достигнувања. Новоинсталираната опрема се карактеризира со исклучително висока енергетска ефикасност и искористеност на природниот гас, а направена е и модернизација на котларата, која опфаќа автономно работење од 72 часа без присуство на персонал.