
Постојат ли параполициски структури во ВМРО-ДПМНЕ кои следат јавни личности, пратеници, лица од МПЦ?
Пратеничката Нола Исмајловска Старова од редовите на независната пратеника група на ВМРО-ДПМНЕ, на денешните пратенички прашања го праша Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски дали е запознаен со инфомацијата дека лица од МВР следеле членови на ВМРО-ДПМНЕ, пратеници, но и лица од МПЦ. Министерот Спасовски потврди дека следење постоело и дека извештаите ги потпишувал Оливер Андонов.
„Тоа што ме загрижува е дека во последните денови, на некои медиуми, протекоа информации, дека луѓе од МВР учествуваат во следење на движењето на јавни лица и се дел од некаква параполициска структура. Оттука моето прашање е дали вие како министер за внатрешни работи имате сознанија дека постојат такви лица кои што се вработени во МВР и задолжени да следат јавни личности, по наредба на трето неовластено лице. Во документите што протекоа во јавноста, гледаме дека се следени и лица од највисокото раководство на мојата партија ВМРО-ДПМНЕ, пратеници, но и лица од МПЦ“, изјави пратеничката Старова.
„Тоа не се полициски службеници коишто ги даваат овие извештаи, тоа се луѓе коишто се дел од некаква комисија за безбедност, моите информации говорат, или барем тоа што се гледа од извештаите дека ги потпишувал Оливер Андонов, еднодневниот министер за внатрешни работи, и уште три лица, Никола Николов, Александар С. Ѓорчевски и Алкесандар Георгиевски. Дека тие извештаи одат во архивата на партијата, до претседателот Мицкоски и во електронска форма, до групата за проценка. Тоа е пак група за проценка составена од некакви поранешни функционери во делот на безбедносните служби“, одговори министерот Спасовски.