Постои опасност од мешање на оперативниот тим во надлежностите на институциите

Формирањето на владин оперативен тим за борба против криминалот и корупцијата е доказ дека институциите не си ги  извршуваат своите задачи. Таквиот тим не смее да ги суституира надлежностите и овластувањата на секоја поединечна институција.

Борбата против криминалот треба да е политика на Владата а не да го води било кое ад хок тело кое е формирано од неа, оценуваат аналитичарите. Моменталната ситуација и случајот „Рекет“ наложија да се преземат вонредни мерки, но неизвесно е каков ќе биде исходот и дали институциите ќе станат ажурни.

Поранешната заменик министер за правда Тања Алтанџиева смета  дека во моментов има институции кои имаат овластувања во борбата против криминалот и корупцијата. Никакво владино тело не може да биде супститут за оперативно дејствување, освен надлежните органи. Евентуално такво тело може да биде само репрезент на владина политика за афирмација на бескомпромисна борба против криминалот, вели Алтанџиева.

Формирањето на оперативниот тим со кој ќе раководи министерот за внатрешни Оливер Спасовски, премиерот Заев го оправдува со неопходноста од исполнувањето на задачите кои ги налага ЕУ.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ ова значи формирање паралелен систем а тоа што институциите кои се под контрола на Заев не си ја работат работата е негова лична вина.

Опозицијата тврди дека оперативниот тим е формиран со цел да се забошоти криминалната афера „Рекет“.

Јулијана Пешевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ