Постигната согласност за процесот на помирување

Претседателот на Владата Зоран Заев по средбата со координативното тело за помирување и интеграција во Собранието изјави дека е постигната согласност за процесот на помирување и за изготвување законско решение. Покажавме политичка волја, рече Заев, дека сме подготвени за еден ваков чекор, посочувајќи дека мора да се направи дистинкција од насилство и учество во настаните од 27 април 2017 година во Собранието.

Да оставиме сега на правните тимови кои под раководство на овие посебни групи ќе ги направат следните чекори. Ние денеска изразивме политичка волја. Со моето гостување на самата група јас ја потврдив мојата лична волја и волјата како премиер, рече Заев и изрази убедување дека во натамошната постапка ќе се дознаат сите стручни аспекти на механизмите како да се направи помирување во државата, а истовремено како да се постават и другите апсекти на целите на интерпарламентарната група.

Не навлегувајќи во деталите од разговорите на средбата, Заев кажа дека треба да се разграничи што е насилство, а што не е насилство, што е тоа насилство, а што е физичко насилство, што е тоа реализација и осмислување и што е тоа некој да учествува во толпата, да биде заведен или понесен.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ