
Последното патување на четиринаесетмината
Патниците за редовната линија на Дурмо турс се веќе на автобуската станица во Скопје. Најголем дел се работници и студенти кои секој ден патуваат на релацијата Скопје – Гостивар – Скопје. Купувајќи го билетот од 250 денари во еден правец не ни претспоставуваат дека тие ќе бидат дел од последното возење на црвениот автобус со регистрација 864 БТ.
Само неколку стотина метри подолу е првата попатна станица, Народна банка на Македонија, автобусот и од таму собира патници и продолжува десно преку мостот Мајка Тереза, минува покрај МАНУ и се упатува на станицата кај Мавровка каде вообичаено застанува. По ова преку мостот Гоце Делчев се вклучува на Партизанска и следните две станици се прва Соборна и Сити мол. Од тука преку мостот Обединети нации, го поминува кружниот тек кај Ѓорче Петров и излегува на автопат Скопје – Тетово.
Ако се движи низ град со дозволената брзина од 50 километри на час, но во услови на густ сообраќај, на првата наплатна рампа според грубите пресметки автобусот бил некаде околу 16 часот и 45 минути. Поминува и само после три километри е кобниот момент. Автобусот кој се наближувал до селото Ласкарци го вози последниот свиок, во еден момент ја крши заштитната ограда, поминува на спротивната лента, прелетува преку стариот пат, се превртува и паѓа на неизграден плац во селото.
Од местото каде се срушил добро се гледа дека на тој дел од автопатот меѓу двете коловозни правци има дрворед, но токму на ова место не.
Што точно се случило за сега никој не кажува. Неколку приказни проструија во јавност но ниту една не е потврдена. Дел беа дека се дупнала гума, дел дека блокирал воланот, додека дел дека излегло куче на патот. Се чека обвинителството да излезе со првичното соопштение за последното патување од 30 километри и 40 минути на автобусот на смртта.
Билјана Николовска