
Поскапо ќе се живее во следните две години – анкета на НБМ
Трошоците на живот ќе растат, во земјава ќе се живее малку поскапо од претходниот период. Анкетата на Народна банка спроведена во декември лани покажала дека се очекува инфлацијата умерено да забрза – годинава таа да достигне 1,8 проценти, и да дојде до 2 отсто во 2019.
„Испитаниците ја објаснуваат нагорната патека на инфлацијата за наредните две години со повеќе фактори, како што се зголемената минимална плата, повисоката акциза за дизел горивата, зголемувањето на акцизата на цигарите, либерализацијата на цената на струјата, секундарните ефекти од најавените промени во персоналниот данок на доход, и очекуваниот раст на цените на примарните производи на светскиот пазар“, се вели во анкетата на централната банка.
Граѓаните велат дека цените и сега се високи, а клчучен проблем се ниските плати и пензии.
„Има покаќувања на речиси сите производи, путерот, бананите, по 3 денари, по 5 денари, и на нашиот мал буџет, тоа се чувствува“, вели еден граѓанин.
„Се се поскапува, нормално дека ќе биде тешко, а платите не се зголемуваат, пензиите ич“, вели една госпоѓа.
Има и такви кои за високите цени ја обвинуваат Владата.
„Апсолутно е виновна, за што ја гласавме ние, а што тие ни дадоа нови обврски, се фалеа ќе се покачуваат плати, пензии, а тие покаќуваат се што треба за стандардот, а платите остануваат исти“, вели друг граѓанин.
Експертите сметаат дека очекуваната инфлација не е загржувачка.
„Мислам дека не треба да постои таков страв дека овие најавени мерки, кои веќе се применуваат, дека ќе доведат до некој загрижувачки раст, ни на животните трошоци, ни на инфлацијата, мислам дека мерките се премногу маргинални, незначителни, со исклучок на растот на дериватите, тука не може да е без ефект, додека минималната плата и другите мерки, мислам дека не зафаќаат значителни сегменти на населението кои значат нешто крупно што мора да не загрижи“, вели Хајредини.
Од Министерството за финансии велат дека нивните проекции се блиски со оние на НБМ, за годинава очекуваат слична стапка од 1,7 отсто, и тука се веќе вградени минималната плата и акцизата.
„Овие проектирани стапки се во контекст на очекувањата за зголемена економска активност, и особено континуирано солидна лична потрошувачка, како и постепено закрепнување на инвестициите“, велат од Финансии.
Минатата година земјава ја заврши со стапка на инфлација од 1,4 проценти.
Нина Нинеска-Фиданоска