Посетителите на Груевски распоредени на други работини места во Царина

Двајцата цариници кои ги водовме на видеата и на фотографиите со Никола Груевски во Будимпешта се распоредени на други позиции и за нив се уште има внатрешна проверка дали направиле дисциплински прекршок. И директорот на царината Ѓоко Танасковски ги вика посетителите на Груевски, а причината за префрлање на цариник од мобилната екипа за контрола и истраги според директорот е тоа што во тек е предистражна постапка во обвинителство за организиран криминал и корупција.

Според информациите на Телма, посетителот се вика Трајан Милошевски и е близок роднина на поранешниот возач на екс премиерот. Против него се води предистражна постапка за сомнежи за царински злоупотреби и шверц. Откако е отворена постапката, тој заминува да се види со екс лидерот, но добива и нова позиција- наместо водич на куче за откривање на шверцувани стоки сега е административец со иста плата и со исто звање. Иста плата и исто звање има и попознатиот Александар Трајковски, кој на боледување заминал во Будимпешта каде бил и на лекарски преглед, но и се видел со Груевски. До патувањето бил оператор во архива, а сега со решение поради наводно зголемен обем на работа во магацините на царината е префрлен да работи како оператор во магацин.  И за него се води внатрешна постапка во царината при што им се одземени и службените мобилни телефони.

Прераспоредениот Трајковски пак смета дека станува збор за политичка одлука, а не за правно издржана одлука за трансфер во магацинот на царината затоа што додека бил на старото место во архивата немало никаква забелешка на неговата работа. Во телефонскиот разговор не сакаше повеќе да коментира и рече дека нема да се жали бидејќи однапред знае дека ќе му ја отфрлат жалбата. Иако двајцата го посетија Груевски во периодот околу 10 декември досега не се повикани да дадат изјави во истрагата за бегството на екс премиерот. Денеска се навршуваат точно два месеци од ноќниот илегален премин на Груевски кој со унгарски дипломатски возила патуваше од Тирана до Будимпешта каде доби азил. Во Македонија уште не е откриено како избегал, а никој не поднесе ниту морална ниту политичка ниту кривична одговорност за бегството на осудениот поранешен премиер.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ