
Посетата на Ципрас во април на Скопје се уште е без официјална потврда
Грчкиот премиер Алексис Ципрас на почетокот од април ќе ја посети Северна Македонија. Информацијата денеска ја објавија грчките медиуми повикувајќи се на извори од грчката влада. Возвратната посета на македонскиот премиер, Зоран Заев на Грција би се случили кон крајот на април.
Потврда засега нема од македонската страна за датумот на посетата на грчкиот премиер, која би била прва досега на тоа ниво.
„Потврдено е дека од двете страни постои желба за прво да се случи посета на премиерот на Грција, Алексис Ципрас, овде на Скопје, а ппосле тоа да имам јас возвратна посета. Немаме фиксирано датуми, но штом ќе ги договориме веднаш ќе ги соопштиме. Секако отворено е на гостинот, којшто треба да не посети да определи тој кога е тоа возможно за него. Ние сме тука. Знаете дека од 1 април почнува кампања, значи тука сме“, Зоран Заев, премиер на Северна Македонија.
Заев единствено потврди дека веднаш по посетата на Ципрас ќе следи негова официјална посета на Грција.
Ципрас, според грчките медиуми во земјава ќе допатува со делегација од стопанственици од областа на туризмот, енергетиката, градежништвото. Тие ќе бидат придружувани од грчки екперти за трговски марки, кои според Договорот од Преспа, во период од три години заедничка меѓудржавна работна група треба да ги прецизира за употреба.
Во пресрет на посетата на Ципрас одговорониот за финансии во кабинетот на Ципрас изјави дека Северна Македонија сака да ги зголеми трговската и економската соработка со Грција особено во делот на енергетиката, управувањето со отпад, транзитот.
Утре во посета на Македонија доаѓа заменик-министерот за надаворешни работи на Грција, Сиа Анагностополу, која е предвидено да има средби со Заев, шефот на дипломатијата Димитров и вицепремиерот Османи.
Тамара Грнчароска