Посетата на Столтенберг е порака сама по себе, смета Шекеринска

Посетата на генералниот секретар на НАТО е порака сама за себе која покажува дека вратите на алијансата се отворени за Македонија, оцени денеска вицепремиерката Радмила Шекеринска. Таа ја обвини претходната власт дека со години создавала проблеми кои ја оддалечувале државата од местото во НАТО и смета дека до пред 6 месеци името не било единствена пречка.

Зголемени безбедносни мерки за посетата на Столтенберг во Македонија, во која спаѓаат и заварување на сите шахти на улиците по кои ќе се движи конвојот на генералниот секретар на НАТО.

Од МВР не откриваат повеќе детали за безбедносните мерки, додека владините функционери очекуваат добри пораки за државата и евро-атлантските интеграции и напорите во изминатото полугодие.

-Посетата на генералниот секретар на НАТО на Македонија, Јенс Столтенберг е порака сама по себе. Тоа значи дека во изминатите шест месеци успеавме Македонија да ја вратиме назад на евроатлантската патека и успеавме да ги неутрализираме сите оние лоши вести, кои во континуитет во изминативе години доаѓаа во Македонија, изјави Радмила Шекеринска, потпретседател на владата и министер за одбрана.

Името на државата беше проблем пред 10 години за македонското членство во НАТО, а вицепремиерката денеска обвини дека претходната власт го зголемила списокот на проблеми кои треба да се решат. Во проблемите Шекеринска ги наброја притисокот врз администрацијата, слободни медиуми, независно судство, кои според неа сега се решаваат.

-Апсолутно не е точно дека единствениот проблем за наше членство во НАТО е проблемот со името. Не е така. Затоа што доволно е да прочитате било кој документ на НАТО од 2014-та и ќе видите дека списокот со проблеми, кој Македонија за да стане членка на НАТО, за жал, од 2008-ма до 2014-та, а подоцна и полошо стана, се зголемил повеќекратно. И таму ретко се спомнуваше прашањето, проблемот со јужниот сосед, реше Шекеринска.

Шекеринска како министер за одбрана, ќе има и издвоена, директна средба со првиот чоевк на НАТО, норвешкиот дипломат Јенс Столтенберг и ќе му пренесе што е направено во нејзиниот мандат со модернизацијата на армијата, подобрувањето на условите за работа, зголемениот контингент на АРМ во Авганистан и ќе ги претстави плановите за иднина.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ