
Портите на Македонско село од денес се заклучени, концесионерот Тинекс ќе плаќа пенали
Дрвените порти на влезот во Македонско село од денес се заклучени. чуварот не не пушти да влеземе внатре.
Ист одговор од чуварот ќе добијат сите посетители и туристи од странство кои доаѓаат да прошетаат, да пробаат од традиционалната кујна, но и да купат по нешто од занаетчиите.
Македонско село почна да се гради во 2011 година, а целиот комплекс чини 6 милиони евра. Во 2016 година беше отворено за посетители.
Од Службата за општи и заеднички работи на Владата соопштија дека концесионерот на Македонско село, Тинекс, еднострано го раскинал договорот.
Иако законска обврска на концесионерот била да ја извести Владата шест месеци однапред ако се откажува од комплексот, тие тоа не го направиле.
Поради тоа, ќе ја плаќаат месечната кирија и за наредните шест месеци, а ќе биде активирана и гаранцијата поради едностраното раскинување на договорот.
Претставниците на менаџментот ме известија дека се свесни за правните обврски кои произлегуваат од договорот, а тоа подразбира активирање на гаранција во износ од 2.690.409 денари, односно 43.000 евра и подмирување на киријата за следните шест месеци, вели Пеце Мирчевски, директорот на Службата за општи и заеднички работи.
Од концесионерот Тинекс не одговараат зошто навремено не ја известиле Владата дека го раскинуваат договорот поради неисплатливо работење и поради тоа ги прекршиле роковите.
Македонско село ќе биде целосно затворено се додека не се најде нов концесионер кој ќе раководи со комплексот на ресторани и куќи во етно стил.
Петар Догов